Од понеделник ќе се врши вакцинација на прва доза со „Фајзер“

Денес не започна вакцинацијата со „Фајзер“. Од Министерството за здравство има најави дека вакцините ќе пристигнат наредната недела. За вакцинацијата на деца, пак, иако од Министерството се прогнозираше дека ќе започне во понеделник, официјални најави сè уште нема. Истата се планира да се врши со вакцините на „Фајзер“.

Денес прва доза вакцина се прима во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ со „Синовак“ и „АстраЗенека“, а ревакцина во Спортската сала „Јордан Мијалков“ со вакцините „АстраЗенека“ и „Фајзер“. Сепак, доколку некој граѓани се упатат во Спортската сала за прва доза вакцина, нема да бидат вратени, туку имунизирани таму со „Синовак“.

„Денеска имаме некаде околу 400 закажани, околу 40 ревакцини со „АстраЗенека“ и останатото со „Фајзер“.“, истакна д-р Александар Стојанов, специјалист по медицина на трудот.

Во меѓувреме, продолжува и теренската вакцинација, која започна во понеделникот. Како што велат медицинските лица, во штипските села дневно се вакцинираат околу 60 – 70 лица. Денес медицинските тимови се во Горачино, Пиперово, Лесковица и Брест.

„Теренската вакцинација исто така си тече непрестано, сè е под контрола.“, додаде Стојанов.

Утре, пак, теренска вакцинација нема да има и истата ќе продолжи од понеделник. Исто така, утре нема да се врши вакцинација во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, туку и вакцина и ревакцина ќе се прима во Спортската сала „Јордан Мијалков“.

Граѓаните се задоволни и велат дека, главно, не им е важно со која вакцина се вакцинираат. Најавите на Министерот Филипче за рестрикции за невакцинираните не биле причина да се одлучат за имунизација.

„Па не е важно. За имунизацијата да биде онака како што треба, вакцините, сигурно, го имаат она што е потребно за оваа ситуација каква што беше и сè уште е. Јас претходно бев и сега примав ревакцина, така што иницијативата е моја. Секако, согласно возраста потребно е да се вакцинирам.“, истакна вакцинирана граѓанка.

Медицинските лица, пак, велат дека најмала заинтересираност кај граѓаните има за „Синовак“, поради тоа што истата не е европски признаена и не може да им послужи за патување.

Според статистиката на Министерството за здравство, досега вкупно се аплицирани 713.114 дози вакцини, а ревакцинирани се 267.106 граѓани.

Лаура Стојанова МНет