Се реконструираат некои улици во Штип, други ќе чекаат втор мандат на Градоначалникот

Реконструирана и рехабилитирана е улицата „Кеј Маршал Тито“. Денес Градоначалникот на Општина Штип, д-р Сашко Николов, го презентираше реализираниот проект пред медиумите и граѓаните.

„Во моментов сме на улицата „Кеј Маршал Тито“, којашто денеска има целосно променет лик и максимална функционалност. Сакам пред вас транспарентно да ги објавам податоците за реконструкцијата на оваа улица, којашто изнесува некаде околу 1 800 000 денари. Тротоарите коишто се целосно реконструирани се во вредност од 1 850 000 денари.“, изјави д-р Сашко Николов, Градоначалник на Општина Штип

Николов потенцираше дека улицава била приоритет уште од самиот почеток, бидејќи е централна во градот и најфреквентна.

Сепак, додека едни улици се реконструираат, други улици и тротоари ќе чекаат втор мандат на Градоначалникот, ако истиот го добие.

„Така што таму нема да се занимаваме со тротоарите заради тоа што во наредните година-две ќе имаме градба на тротоарни конзули од таа страна.“, дополни Николов.

Инаку, во овој мандат на Градоначалникот се вршеше реконструкција на повеќе улици, а на некои и по двапати.

Лаура Стојанова МНет