
Со интонирање на македонската химна во присуство на семејството на Киро Ристов, жители од населбата Таринци, со угледни гости, спортски работници, некогашни боречки легенди, како и сегашни познати и докажани боречки имиња започна свечениот церемонијал за озваничувањето на новиот боречки клуб „Киро Ристов“ во населбата Таринци. Со пригодна беседа на водителката, присутните се запознаа со ликот и делото на некогашниот легендарен Киро Ристов кој покрај големиот број на медалји и трофеи од големите европски и светски натпреварувања го красат и дванесет кратни титули Шампион на некогашна Југославија во неговата категорија, добитник на 8 ноемвриска награда на град Штип и пет пати прогласуван за Спортист на годината на Општина Штип. Тренерот на новоформираниот клуб „Киро Ристов, Трајче Димков ја нагласи потребата од спортските активности во овој случај борењето со цел да се упатат младите кон правилен развој и патоказ кон здрав живот во услови кога овде во нивната населба ги имаат сите услови за тренинг, односно тренерот доаѓа овде а не како порано повеќето борачи да одат во град Штип и таму да тренираат.

Овој исклучитечно мил спортски настан со свое присуство го збогатија и Горан Милковски врвен наш спортски коментатор и Претседател на македонската Карате федерација и секако најуспешниот – воедно и борач на векот на Македонија, легендарниот Шабан Трстена кој нагласи дека идеал му бил славниот боксер Мухамед Али ( Касиус Клеј) и дека со напорна работа успеал сонот да си го оствари, односно дури и да го надмине големиот ас.

Ваквите настани будат носталгични моменти за некогашниот сјај воопшто на македонското борење, идилична слика во која на едно место е македонскиот боречки бисер со најава за некои нови светлосни моменти, за навраќање на традицијата и на борењето како најтрофеен македонски спорт. Во името на спортската редакција на Мнет ТВ на боречкиот клуб „Киро Ристов“ му посакуваме успешни активности со масовно учество на млади борачи и наскоро – витрини полни со признанија,трофеи и медалји.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk