Со цврста одбрана и брзи контри до прва победа на Македонија

Доцна попладнево македонската новинарска екипа се упати на исполнување на последните протоколи за претстојниот меч Македонија – Украина кои според многумина се претерани и сосема непотребни. На поаѓање кон Националната арена нашиот Горан Кипријановски во името на нас новинарите и на ФФМ на нашиот шофер на автобусот кој од првиот ден е со нас во знак на внимание му даде поклон од богатата колекција на македонски вина.

Ситниот дождец постојано ги следеше нашите активности возејќи се низ Букурешт, за да конечно на Националната арена го проследиме и пресот на селекторот Игор Ангеловски и Стефан Ристовски. На новинарските прашања беа едногласни во оценката дека изгубениот натпревар со Австрија не е крај на сите надежи и дека има да се одиграат уште два натпревари.

Селекторот Ангеловски не сакаше да ја коментира суспензијата и казната од еден меч за провокаторот Марко Арнаутовиќ велејќи дека тоа е веќе завршена работа. За мечот со Украина со цврста одбрана и со брзи контри можно е да се дојде до толку посакуваната победа која ни го отвара патот кон понатамошниот круг. Мора збор – два да се каже и за организацијата која во некои моменти прави тотални гужви и збрки, а кои внесуваат забуна па и огромна нервоза кај новинарскиот дел. Со чест на исклучоци, непознавањето на јазик за разбирање кај повеќето членови на организацискиот дел ги донесе и првите проблеми кои да се надеваме нема да донесат некои непредвидливи работи. Силниот дожд не беше пречка нашата селекција да го одржи вообичаениот тренингна прекрасната Национална арена.

Во една забавно – релаксирачка атмосфера проткаена со смеа и разонода нашите го одработија овој тренинг сигурно несакајќи да ризикуваат пред утрешниот меч.

Од Букурешт Специјално за Мнет ТВ – Штип, Драги Герасимов – Пушка