Само 16 ковид пациенти се на болничко лекување во Кочани и Штип, нема починати лица

На краен минимум сведен бројот на хоспитализирани пациенти во кочнската модуларна болница пред нејзиното затворање. Во болничките капацитети се сместени само двајца пациенти, но и тие се со лесна кличка слика без потреба од кислородна поддршка и ќе бидат пуштени на домашно лекување, информираше директорот на Општата болница Кочани, Александар Серафимов. Останува одлуката дека од понеделник капацитетите на модуларната болница во Кочани која беше отворена пред нешто повеќе од два месеци ќе служат како дневна амбуланта, а доколку некое лице позитивно на ковид 19 има потреба од болничко лекување ќе биде препратено во модуларната ковид болница во Штип. Во Кочани веќе петти ден нема починато лице.

И во штипската модуларна болница бројот на слободни ковид кревети поголем во споредба со хоспитализирани пациенти. Хоспитализирани се 14 пациенти, слободни се 31 кревет, а 8 лица имаат потреба од кислородна поддршка, посочи Потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

 Во континуитет имаме опаѓање на бројот на активни случаи на коронавирусот. Бележиме намалување од 45.3% на нови случаи и намалување од 43.1% на починати, споредено со претходната недела.- напиша Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил.

Според информации од Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 788.300 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.246, бројката на оздравени пациенти е 147.473, на починати е 5.398, а бројот на активни случаи изнесува 2.375.

Лаура Стојанова М-Нет