77 години од егзодусот на штипските евреи

На денешен ден пред 77 години бугарскиот окупатор од Штип во смрт однесе околу 550 евреи. Речиси сите, заедно со Евреите од Битола и од Скопје,  трагично завршија во нацистичкиот логор Треблинка. Само седуммина од евреите од Штип успеале да го избегнат холокаустот во 1943 година.

По депортацијата на штипските евреи, бугарските фашисти до темел ги разрушиле куќите во Еврејското маало, лоцирано непосредно до Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип, каде денес е споменикот на овие маченици.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани во Треблинка, Полска 7.114 Eвреи. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22 март 1943 година, а до 29 март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.