63 општини аплицирале на повикот од Влада, Општина Пробиштип со 11 проекти ќе аплицира утре

63 општини до вчера аплицирале на повикот на Влада со вкупно 450 апликации. 27 општини имаат простор да поднесат уште апликации со оглед на предвидената максимална сума. Како што посочи министерот за локална самоуправа, 17 општини воопшто не аплицирале на овој повик. Меѓу нив, од општините од Истокот, Општина Пробиштип е единствена која не аплицирала заклучно со вчера.

„Заклучно со 23.04.2025 година во архивата на Министерството за локална самоуправа доставени се вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини. Од нив, 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласн формулата по глава на жител, 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликативни формулари. Да појаснам, 27 општини поднеле апликации, но имаат простор за достава на уште апликации, со оглед на предвидената максимална сума по критериумот, по глава на жител.“ – вели Пирински.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов во телефонски разговор за М-Нет телевизија, истакна дека проектите се подготвени и дека утре ќе аплицираат со 11 проекти.

Законски предвидениот рок за пријавување согласно одлуката на Владата е 30.04.2025 година.

Пирински на денешната прес конференција ги повикува сите општини да ја искористат оваа значајна можност, да го запазат рокот и да аплицираат на повикот од Влада.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет