40 илјади денари, плац за куќа и бесплатна градинка – Општина Штип со поддршка за семејството Зикови

40 илјади денари еднократна парична помош, плац за куќа без комуналии како и бесплатна градинка за четирите деца ќе добие семејството Зикови од Општина Штип. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов во текот на вчерашниот ден е оставрен контакт со членови од семејството, а во наредните денови ќе се оствари и средба. За сега ова е поддршката која општината ја пружа, а во иднина во зависност од потребите на семејството ќе се разгледуваат можностите за дополнителна помоши поддршка.

„Јас во текот на вчерашниот ден искомуницирав со челновите на семејството, од она што се договоривме во наредните денови да оствариме една средба. Согласно нашите надлежности и законските можности предвидено е и планираме да овозможиме бесплатно згрижување во детска градинка, можност за бесплатен плац за куќа ослободен од комуналии, но во зависност од потребите, економскиот статус, станбеното прашање и во зависност од тоа кои се нивните потреби ќе одлучиме на кој начин дополнително може општината да даде поддршка.“ – вели Јорданов.

Семејството Зикови викендов добија четворка, втора по 26 години во Штип. Јорданов посочи дека општината согласно своите можности ќе помага на повеќедетните семејства за ваквата пракса да биде почеста во иднина.

Лаура Стојанова М-Нет