
Објавен конкурсот за запишување студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во студиската 2022/2023 година. Вкупно 3870 слободни места на 12 факултети и трите академии од кои 2202 студенти во државна квота, 913 редовни студенти со кофинансирање и 755 вонредни се местата кои се на располагање и оваа година. Нови студиски програми, а и нова програма на англиски јазик на Факултетот за медицински науки е она што се нуди.
„За одредени факултети постои голем интерес и целосно се пополнува бројката, за одредени факултети интересот со години е мал. Меѓутоа, се трудиме сите факултети да понудат атрактивни понуди. Најголем дел од факултетите имаат и целосно нови акредитирани програми. Од оваа година Дентална медицина има нова студиска програма, но и другите факултети го унапредуваат квалитетот на програмите“, вели проректорот Дејан Мираковски.
Универзитетот продолжува со стипендирањето на студентите кое вклучува целосно покривање на партиципацијата за првата година. Филолошкиот факултет со посебна програма ги покрива трошоците за сите студенти на Катедрата за македонски јазик и книжевност, а и по десет на сите останати катедри. За најдобрите кандидати стипендии има и на останатите факултети.
„Универзитетот обезбедува програми за стипендирање на студентите, на Факултетот за медицински науки за 30 најдобро рангирани кандидати; на Земјоделски факултет, Факултетот за природни и технички науки, Економски факултет, Правен факултет, Факултет за туризам и бизнис логистика по 20 најдобро рангирани кандидати; на Електротехнички факултет, Машински факултет и Техничко – технолошки факултет вкупно 10 кандидати; на Факултетот за информатика 20; на Факултетот за образовни науки 10 најдобро рангирани кандидати; на Музичка академија 10 кандидати; на Филмска и Ликовна академија по пет кандидати“, додава Мираковски.
Првиот уписен рок е на 25, 26, 29 и 30 септември, вториот на 9 и 12 септември и третиот на 21 22 септември. Меѓутоа, системот за електронска пријава е отворен, а документите физички се доставуваат по 10 август на означените локации во сите кампуси кои УГД ги има во Штип и во останатите градови.
Ребека Спасова М-Нет