Со убедливо „за“ на 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на историскиот референдум ја потврдија волјата за суверена и самостојна држава.
Референдумот беше пресвртница за процесот на создавање независна македонска држава и воспоставување сопствени институции, безбедносен систем и економски политики.
Денот на независноста, 8 Септември, е еден од најзначајните датуми во современата македонска историја – ден кога граѓаните, во услови на распаѓање на поранешната југословенска федерација, демократски ја избраа самостојноста како пат за иднината на државата.
Повеќе активности се предвидени денеска за одбележување на 35-годишнината од осамостојувањето.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во 8:30 ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски и на вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев. Предвидено е цвеќе да положат и делегации на Собранието, Владата, Генералштабот на Армијата, верските заедници, како и претставници на институции, дипломатскиот кор и на политичките партии.
Во 11:00 часот во Вила Водно ќе се одржи церемонија на доделување Орден „8 Септември“, на која претседателката Сиљановска Давкова ќе им додели ордени на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан и постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.
Премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста ќе биде домаќин и ќе има свое обраќање на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“. Свеченоста ќе се одржи на платото пред Владата со почеток во 14:00 часот.
Концертот на светски познатиот диџеј и продуцент на хаус-музика Дејвид Гета што ќе се одржи вечерва во Скопје е финале на сите настани во рамки на манфестацијата „35 години независност на Македонија“.
Концертот ќе се одржи на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје.
Текстот 35 години независност, Македонија го одбележува 8 Септември е превземен од МАКФАКС.