3100 лица од Гостивар побарале помош за стомачни проблеми, има деца од една-две години и возрасни од 80 години, кажа Клековски

Бројката на лица кои побарале помош од здравствените работници поради стомачни проблеми, дијареа, а некои и треска, денес се искачи на 3.100. Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека бројката од над 1.200 заболени лица која беше пријавена викендов била нецелосна.

„Она што можеме да го кажеме е дека во моментот до сега има 3.100 здравствени контакти. Здравствени контакти значи контакти во Здравствениот дом Гостивар и во Општата болница Гостивар. Тука се вклучени и телефонски јавувања во Здравствениот дом, интервенции на Брзата помош и, секако, примени, прегледани граѓани во двете установи. Информациите што беа комуницирани во текот на викендот беа базирани само на Општата болница Гостивар, би сакал тоа да го појаснам, беа без податоците на Здравствениот дом Гостивар“, рече министерот Клековски.

Во Општата болница се пријавиле вкупно 1.750 пациенти, а, во Здравствениот дом Гостивар биле преглеани 1.392 лица.

Од Здравствениот дом во Општата болница се упатени 285 пациенти, а министерот извести и дека Итната медицинска помош направила 112 домашни посети.

„Во моментот хоспитализирани имаме четири лица – три возрасни и едно дете. И имаме еден случај во Клиниката за инфективни болести кој сам се пријавил бидејќи во основа работи во Скопје“, рече министерот Клековски.

Клиничката слика кај пациентите министерот вели останува иста, односно се жалат на стомачни проблеми, а некои и на треска и  температура.

Иако има 3.100 заболени, здравствените власти до денес имаат само 140 пријави за заразни болести и 81 епидемиолошка анкета. Министерот Клековски потсети дека до саботата имале само 18 епидемиолошки пријави и ги повика заболените да соработуваат со службите за епидемиолошки анкети.

Првите случаи на заболени со стомачни тегоби министерот потврди дека се регистрирани на 13 јули, но првата службена информација во Министерството стигнала во петокот, откога Клековски вели дека презеле се што е во нивна надлежност. Потсети дека сличен случај во Гостивар имало и во 2017 година, кој не бил расчистен, па рече дека овој пат нема да дозволат да не се утврдат причините и одговорните.

Министерот кажа дека анализите на земените примероци вода од градскиот водовод во Гостивар кои укажуваат на сите факти и податоци за епидемијата се готови, но испратени во Обвинителството. Не ги кажува за да не се меша во истрагата, но ако добие дозвола од Обвинителството рече дека ќе ги сподели со јавноста. Повтори дека по пат на елиминација кажал дека најверојатно е загадена водата оти меѓу заболените има деца од една- две години и возрасни од 80 години од различни делови на Гостивар па ја исклучил можноста да се заразиле од храна.

Текстот 3100 лица од Гостивар побарале помош за стомачни проблеми, има деца од една-две години и возрасни од 80 години, кажа Клековски е превземен од МАКФАКС.