300 вакцинирани лица во Штип и Кочани, од четврток ќе се одвива и теренска вакцинација

Вкупно 300 вакцинирани лица во текот на денешниот ден во Штип и Кочани. Според информациите од координаторите на вакциналниот пункт до 15:00 часот, 200 биле во Кочани, 100 во Штип. Како што додаваат тие, процесот се одвива непречено, со доволно медицински кадар и доволни количини вакцини.

„На вакциналниот пункт во Кочани за прва доза дојдоа 60 лица. Согласно термините за ревакцинација, пак, втора доза вакцина примија 140 лица. Достапни вакцини кај нас се „Синовак“, „АстраЗенека“ и „Фајзер“.“ – информираше координаторот за вакцинација во Кочани, Иле Постолов.

„Кај нас денес се вакцинираа вкупно 100 лица, сметајќи ги и оние кои дојдоа за прва доза и оние кои примија втора доза вакцина. Според нашите статистики, досега се вакцинирани 51% од населението над 18 години, имајќи ги предвид и оние кои се вакцинирале во странство. Од четврток повторно почнуваме и со теренска вакцинација.“ – додаде координаторката за вакцинација во Штип, Дијана Коцева – Миланова.

Вакциналните пунктови и во двата града работат само прва смена.

Вакцинацијата се одвива непречено и на другите пунктови во државата. Според информациии од МЗ, вчера се вакцинирале 12.062 граѓани, а од нив само прва доза вакцина примиле 2.955. Досега 55% од населението над 40 години и 31% од населението 18-49 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вкупно се аплицирани скоро 1.500.000 вакцини, а две дози вакцина примиле 690.806 лица. Барем една доза вакцина примиле 767.652 лица.

Ребека Спасова МНет