Поминаа 18 месеци од трагедијата во „Пулс“ во која згаснаа 63 млади животи, а 193 лица беа повредени а правда нема, реагираат од СДСМ.
„Правдата за Кочани се топи пред очите на јавноста. Заробено судство под контрола на Мицкоски ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без одговори и без правда.
Повеќе од две години власта на Мицкоски ги контролира полицијата, обвинителството и судството.
Мицкоски тврдеше дека ќе се повлече од политиката ако се докаже дека обезбедувањето во „Пулс“ е поврзано со ВМРО.
Како и за сè друго што ветил – излажа“.
Додека Мицкоски зборува за „талог“ и „елита“, додека седи до државниот јавен обвинител и испраќа закани, родителите на загинатите, велат од СДСМ, повторно гледаат како институциите ја погребуваат правдата.
„Сега и „Газда Деко“ е на слобода.
Го ослободуваат Груевски. Го ослободуваат Латас. Враќаат имот стекнат со криминал. Телохранители на Мицкоски кои тепаат жени се спасуваат од одговорност.
Нема одговорност за 5 тони дрога преку граница.
Нема одговорност за криминални тендри“.
Од опозициската партија нагласуваат дека се спасуваат градоначалници и функционери блиски до власта.
„Така изгледа „правдата“ на Мицкоски – заштита за моќните, неправда за жртвите.
СДСМ стои со семејствата на загинатите и повредените во Кочани.
Бараме целосна, неселективна и вистинска одговорност за трагедијата. Правдата за Кочани не смее да истече“.
Текстот 18 месеци нема правда за Кочани, судството под контрола на Мицкоски ги штити своите е превземен од МАКФАКС.