15 вработени за година и пол ја тужеле Општина Штип, најмногу за поништување одлуки

13 тужби минатата година и веќе две тужби оваа година добила Општина Штип од свои вработени, по разни основи. Од страна на Основен Суд Штип одговарајќи на нашето барање за пристап до инфромации од јавен карактер, соопштија дека Општина Штип претходната и оваа година се соочила со 15 тужби од свои вработени.

„Во периодот на 2022 година во Основен Суд Штип има заведено 13 предмети, по поднесени тужби од кои 10 тужби по основ поништување на одлука и три тужби по основ надоместоци од работен однос. Во периодот од 2023 година до 28.3.2023 година во Основен Суд Штип има заведено два предмети по поднесени тужби по основ поништување на одлука“ – соопштија од штипскиот Основен Суд.

Колку пари Општината издвоила за тужби кои пристигнале на нејзина сметка, прашавме во Општина Штип. Од таму истакнаа дека точна бројка нема, ама сумата е значително помала за разлика од годините претходно.

„Општина Штип во текот на 2022 и 2023 година има неколку судски постапки од работен однос. За износот за истите не би можеле да дадеме конкретен одговор, затоа што сѐ уште немаат разрешница, но до овој момент општината има потрошено најмалку средства за судски трошоци компаративно со годините наназад“ – велат во писмено соопштени од страна на Општина Штип.

Лаура Стојанова М-Нет