
14 годишно девојче кое се препило е најмладиот пациент кој имал потреба од интервенција на Брзата помош во Штип. Имено, во текот на новогодишната ноќ Итната медицинска помош интервенирала кај над 30 лица од кои, посериозни случаи биле 14 годишно девојче во алкохолизирана состојба и повозрасна жена која имала посериозна повреда. Други посериозни интервенции немало, а немало ниту повреди од користење пиротехнички средства.
„Минало релативно добро. Таа ноќ остварени се околу 33 прегледи, од кои 20 во амбуланта и 13 домашни посети. Вообичаени ситуации, кардиоваскуларно пореметување, хипертензии… Според извештајот од колегите, имало неколку случаи на хипогликемии, односно пад на шеќерот во крвта. Единствено што може да се издвои во однос на пијанството имало еден случај кај 14 годишно девојче, кое е третирано овде и е однесено на Интерното одделение за понатамошни мерки и регулација на алкохолната интоксикација. Има и во домашни услови пад на една жена, со повреда на челото, кај веѓата. Таа е препратена на ортопедија, односно хирургија за да се преземат соодветни мерки“, истакна Хусеин Османов, раководител на Итната медицинска служба.
И од СВР Штип не забележале посериозни случувања, ниту посериозни кривични дела или сообраќајни несреќи. Портпаролот, Гордана Панајотова, истакна дека имале релативно мирна новогодишна ноќ.
„Благодарение на превентивната активност на полицијата и благодарение на високо изградената општествена свест кај граѓаните, на подрачјето на СВР Штип имавме мирна новогодишна ноќ. Регистрирано е едно нарушување на јавниот ред и мир од страна на малолетници на подрачјето на Свети Николе и едно нарушување на јавниот ред и мир пред угостителски објект во Кочани. Не се регистрирани кривични дела, ниту приведени лица и не е регистрирана ниту една сообраќајна незгода за време на новогодишната ноќ“, додаде Панајотова.
Во текот на новогодишниот викенд, пак, за време на првите два дена од новата 2022 година, остварени се нешто повеќе од 200 прегледи и посети од страна на Итната медицинска помош. Сепак, не станува збор за некои посериозни случувања.
„Во текот на викендот остварени се околу 197, значи околу 200 прегледи и 66 домашни посети. Нешто посебно, во смисла на сообраќајни несреќи или повреди од петарди и други пиротехнички средства немаше. Тоа е податок којшто треба да не радува, бидејќи немало некои поголеми инциденти“, додаде Османов.
Мирна новогодишна ноќ имаше на територија на цела држава, а забележани се само неколку случаи каде претежно станува збор за физички напади и физички пресметки и неколку сообраќајни несреќи во кои причинета е само материјална штета.
Ребека Спасова М-Нет