13 полициски службеници од ОВР Кочани и СВР Штип ќе седнат на обвинителна клупа, за тешки дела против општата сигурност

Триенаесет полициски службеници од ОВР Кочани и СВР Штип ќе седнат на обвинителна клупа, за тешки дела против општата сигурност, а се поврзани со нивното постапување два дена претходно и за вечерта на најголемата трагедија во поновата македонска историја. Во пожарот во кочански „Пулс“, згаснаа 63 животи, а околу 200 млади луѓе беа повредени.
Кривичниот суд соопшти дека обвинението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се одобрува во целост. Со ова обвинение се опфатени и полициски началници и командири кои биле на функции кобната ноќ кога се случи пожарот.
Според обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година обвинетите полициски службеници одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти без целосна проверка дали се испочитувани законските прописи и безбедносните процедури. При контролата во кабарето не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење на непријавена пиротехничка опрема, што довело до настанување на пожарот. Судот соопшти дека преку АКМИС системот ќе биде определен судски совет и датум на судењето.
Се наближува и една година од трагедијата денеска во Кочани семејствата на загинатите и повредените, Црвениот Крст, Болницата и Општината информираа дека од 14 до 16 март ќе имаат низа на настани за одбележување на годишнината од пожарот во Пулс.