10 години генерациски турнир во мал фудбал во Спанчево

Овој август по десетти пат ќе се одржи генерацискиот турнир во мал фудбал во село Спанчево во општина Чешиново-Облешево. На овогодинешното јубилејно издание учество ќе земаат 12 екипи од генерација 1970 до 2001.

Но, оваа година ќе има и две екипи од помалите генерации, а како што вели Игор Горгиев, капитенот на екипата 1983, ова е со цел спортот и дружењето да се пренесе и кај помалите генерации.

„Оваа година ќе учествуваат 12 екипи од генерација 1970 до 2001, меѓутоа ќе имаме и две екипи од помалите генерации со цел да го поттикнеме и задржиме спортот, но покрај тоа да имаме меѓусебно дружење од сите генерации. Би сакал да ги поканам сите граѓани на село Спанчево, но и на околните места, да го проследат турнирот, да дојдат и да проследат добри натпревари, но и секако заеднички да се дружиме“, изјави за телевизија М Нет, капитенот на екипата 1983 Игор Горгиев – Џезба.

Екипите се поделени во четири групи. Во група А се сместени екипите од генерација 1996, 2009 и 1990, во група Б се сместени генерации 1988, 1991, 1979, во група Ц се сместени 1992, 1987 и 1983, додека пак во групата Д се сместени 1986, генерација 1993 и генерација 1970.

Целта на ваквиот спортски настан е дружба, но и пренесување на спортот или конкретно малиот фудбал и кај младите генерации со цел и тие да се насочат кон спортувањето.

Александар Ванев, М-Нет