
Од понеделник започнуваат првичните активности за затварање на депонијата во Кочани од страна на фирмата изведувач задолжена за затварање на депониите од проектот Регионален систем за управување со отпад во Источниот Плански Регион .
Ваквата активност е потврдена на состанокот помеѓу градоначалникот Љупчо Папазов со заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска, претставниците задолжени за реализација на проектот од Министерството за животна средина и Министерството за финансии и избраните изведувачи за затворање на непрописните депонии.
На вчерашниот состанок следуваше и интензивна комуникација, која беше проследена и со официјални дописи од Општина Кочани со барање од органите на централната власт техничка и финансиска поддршка во решавањето на состојбата со кочанската депонија.
Општина Кочани се соочи со неповолна состојба и несакани ефекти од депонијата откако беа затворени депониите во Виница, Зрновци и во Чешиново-Облешево, поради што за 50 % се зголемија количините на отпад на ѓубриштето во Кочани.
На честите опожарувања на депонијата изминатиов период реагираа Комунално Јавно Претпријатие „Водовод“, ТППЕ и ДПД – Кочани кои интервенираа со механизација и формирање заштитен појас за спречување на ширењето на пожарот од ѓубриштето кон соседните површини.
Во КЈП „Водовод“ – Кочани тече постапката за набавка на алги за еколошки третман на отпадот.
Лаура Стојанова, М-Нет