
На УГД ќе се размислува за настава со физичко присуство во парниот семестар. Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип непарниот семестар го помина целосно со „онлајн“ настава, што како одлука беше донесено имајќи ја предвид ковид – ситуацијата. Сепак, проректорот за настава, Мишко Џидров, во изјава за М-Нет Телевизија напомена дека има доволно време за да се одлучува за парниот семестар, кој почнува во февруари 2022 година. Одлуката ќе ја донесат во согласност со насоките кои ќе бидат дадени од Комисијата за заразни болести, а во зависност од ковид – ситуацијата.
Сепак, некои од студентите и во тековниот семестар се соочија со проблеми поради мерките кои постепено се донесуваа за заштита од Ковид – 19. Од студентите стигнаа реакции дека оние кои требало да следат практична настава, не можеле без аплицирана вакцина против коронавирусот. Проректорот Џидров вели дека врз ова тие немаат влијание, бидејќи тоа се одлуки на институциите во кои студентите посетуваат практична настава.
„Да, има таква практика за посетување вежби со физичко присуство да се бара вакцина, што најчесто е пример во здравствените институции. Но ние не можеме да донесеме одлука за другите институции во кои студентите треба да посетуваат практична настава. Тоа се правила на тие институции и тие согласно со своите одлуки бараат или не студентите да имаат примено вакцина против Ковид – 19“, додаде Џидров.
Инаку, наставата на државните и приватните универзитети во земјава и оваа студентска година се одвива различно, според условите кои ги имаат факултетите за почитување на протоколите за заштита од Ковид – 19. Дел од нив се одлучија за целосно „онлајн“ настава, други пак за настава со физичко присуство, а има и такви на кои се одвива комбинирана настава, според потребите на наставната програма.
Ребека Спасова МНет