
Термалните бањи во село Бање да бидат целосно искористени е целта на градоначалникот на Општина Чешиново – Облешево, Јорданче Костадинов. Како што посочи тој целокупната површина која ја зафаќа центарот кој некогаш функционирал како бања е во сопственост на општината и се прават напори да се најдат инвеститори кои ќе работат на ова место. На ваков начин ќе се изгради еден бањолошки центар, кој ќе биде од големо значење како во делот на искористување на ресурсите и природните богатства со кои располага општината така и во делот на развој на туризмот.
„Село Бање е составен дел на Општина Чешиново Облешево. Таму имаме како општина еден ресурс кој години наназад е неискористен и за жал непридонесува ниту во развојот на туризмот, ниту на угостителството во општината. Затоа уште во првиот момент како градоначалник имам идеја и визија како и на кој начин тој објект да прерасне во еден голем бањолошки центар. Во делот на проблемитекои беа административна пречка, однонсо немавме владение, го завршивме. Сега ја имаме целокупната површина кој ја зафаќа тој поранешен центар кој таму функционирал и е веќе во сопственост на Општина Чешиново – Облешево.“ – вели Костадинов.
Интересот од страна на инвеститорите е голем, а бањолошкиот центар ќе биде по примерот на веќе постоечките центри како во државата така и во странство, кои се доста посетени и користени од страна на граѓаните.
„Можам да им кажам на граѓаните дека интересот е доста голем, има луѓе кои сакаат да инвестираат во оваа гранка“ – додава Костадинов.
Костадинов посочи дека кога е во прашање развојот на туризмот во Општина Чешиново – Облешево се работи и на етно туризмот кој би требало значително да се развие во наредниот период.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет