Ќе остане ли зградата на Општина Штип без обезбедување, а вработените без работа?

После 16 часот Општина Штип останува без обезбедување. Ова следува откако вработени во приватна фирма добија барања сами да го откажат договорот за вработување. Во договорот е наведено дека вработените треба да бидат одјавени од работа во најкус можен рок.

Со ваквата одлука под знак прашалник се ставата егзистенцијата на самите вработени, ама и безбедноста на општинската зграда во Штип. Вработените велат дека нема да потпишат, додавајќи дека последната земена плата им е за месец јануари.

„Плата сега немаме земено за февруари, ноќна смена одиме на работа – не ни е платено, к-15 не ни е платено, на 15 во месецот добиваме на сметка по 100 денари. И сега добиваме решение да го потпишаме и да си одиме. Не потпишуваме, ќе тужеме за ова“ – вели Павлов.

Градоначалникот Јорданов вели дека целта на Владата да се направат неуспешни градоначалниците нема да успее, и обезбедувањето ќе биде вработено и ќе зема плата од страна на општината.

„Оставајќи ги овие луѓе без работа се зголемуваат трошоците кои општината ќе ги преземе. Ако им е тоа целта нема да ја постигнат затоа што Општина Штип дефинитивно по завршување на договорот кој овие луѓе го имаат со СЗР ќе ги вработи“ – додава Јорданов.

Четири лица во Општина Штип ќе останат без работа, или на ниво на државата над 300 лица кои се вработени во оваа приватна фирма. Без обезбедување остануваат и општинските згради во неколку останати градови во Истокот. Веќе е разговарано со ЗЕЛС истакна Јорданов со цел пред празниците да не се дозволи голем број семејства да останат без егзистенција.

Лаура Стојанова М-Нет