
Ќе има ли реално намалување на цените во наредниот период. Трговците и Владата во преговори на кој начин да се дејствува со цел граѓаните да почувствуваат дека цените на производите се движат во надолна линија. Трговците побараа да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за нормално живеење.
Идејата за намалување на цените на производите е добра, но според економистите нема да се постигне посакуваниот ефект. Проблем е што не е утврдена структурата на цената на производите, па и одлуките кои се носат се носат краткорочно и резултатот е речиси невидлив.
„Идејата е добра и претходно, добра е и сега, резултатите мислам дека нема да го дадат посакуваниот ефект. Причина е бидејќи се уште Владата не успеа да ја утврди структураата на цената. Владата треба да каже, во еден производ што чини 100 денари, производителот зема 60%, дистрибутерот на големо зема толку, оној на мало толку и вкупно да дојдеме до 100 денари. Ние сѐ уште ниту како граѓани, ниту како Влада тие податоци не ги знаеме, не ни се познати“ – вели Ивановски.
Ивановски смета дека одреден производ без разлика дали станува збор за брашно, млеко, шеќер треба да биде со иста цена во цела држава. Во спротивно реално намалување на цените нема да има.
Одлуката за намалување на цените се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет