Ќе има ли конечно радост за кошаркарките на Патриот од Делчево? Во Каменица дерби на Баскет Кам и Вардар

Во недела ќе бидат одиграни натпреварите од 12 коло на Првата женска кошаркарска лига, а во кое тимот на Патриот од Делчево ќе ја бара дури првата сезонска радост против Спорт Тим на домашен терен.

Патриот по 11 одиграни натпревари има 11 порази, ниту еден позитивен резултат и се наоѓа на дното од табелата. Сега кошаркарките од Делчево имаат идеална шанса за прво славје против Спорт Тим од Неготино, овој тим е претпоследен на табелата, па ова ќе биде дерби од дното на табелата. Натпреварот во Делчево се игра в недела со почеток од 17 часот.

Дерби ќе се игра во Македонска Каменица каде лидерот Баскет Кам ќе игра со Вардар, во меч каде актуелниот шампион ќе биде фаворит и со поддршка од домашната публика ќе се надева на позитивен резултат и со тоа да остане на врвот од табелата, а пак за Вардар ова ќе биде тежок предизвик да се добие актуелниот шампион на гостински паркет.

Натпреварот во Македонска Каменица ќе започне во 16 часот.

Крива Паланка на домашен терен ќе игра против Пробаскет и ова ќе биде дерби меч помеѓу вториот и четвртиот на табелата. Стартот на мечот е закажан за 15 часот.

МЗТ Бела Вода на домашен терен ќе се соочи со Бадел, каде гостинскиот тим ќе има има улогата на фаворит, а стартот е во 18:30 часот.

Александар Ванев, М-Нет