
Втора кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Штип поднесе штипскиот градоначалник Иван Јорданов. Овојпат кривичната пријава беше против некогашниот в.д. градоначалник Јане Миланов, за сторено кривично дело несовесно работење во служба. Јорданов вели дека согласно извештајот од Државниот завод за ревизија констатирани се низа незааконски дејствија.
„Во неговиот мандат од само неколку месеци направил основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во служба“ затоа што извршил плаќање на економски оператор, без давање на соодветен налог, вовед во работа, без соодветен технички прием, записник за извршена работа, а претходно се исплатени финансиски средства од буџетот на Општина Штип, што е констатирано од заводот за ревизија“ – вели Јорданов.
Јорданов вели дека со поднесување на крвична пријава ја исполнува својата обврска како градоначаник. Вели дека за колкава точно сума на финансиски средства станува збор и за кој период треба да утврди ОЈО.

„Јас не сум правник, туку само ги проследувам и ја завршувам мојата обврска која ја имам како градоначалник. Доколку не ги пријавам и доставам тогаш и јас сум соучесник со тоа што се случувало во минатото, а констатирани се низа незаконски дејствија“ – додава Јорданов.
Претходната недела кривична пријава заработи и претходниот директор на ЈП Исар, Живко Тасев. Јорданов остана воздржан од конкретен одговор дали ќе се зголеми листата на кривични пријави.
Лаура Стојанова М-Нет