
Улицата „Пиринска“ е една од улиците кои ќе мора повторно да се асфалтираат заради неквалитетна изработка. Градоначалник, Иван Јорданов, денеска вршеше контрола и увиде оти изведувачот ги има улиците неквалитетно асфалтирано Тој посочи оти тоа ќе мора да се поправи на негов трошок, а никако не смее да биде на штета на граѓаните.
„Со оглед на тоа што се наоѓаме во период којшто е неработен за градежните компании, ја користиме приликата да направиме увид на сето она коешто е направено како инфраструктура во изминатата 2023 година, да ги посетиме сите улици, тротоарски површини, објекти којшто беа реализирани. Мора да бидам објективен и да посочам дека има одредени неквалитетно извршени активности, градежни зафати, асфалтирања, коишто изведувачите ќе имаат обврска повторно на нивен трошок да ги направат“, рече Јорданов.
Три механизми има Општина Штип во ваков случај, активирање на банкарската гаранција, додавање на негативна референца за изведувачот или, пак, неплаќање на проектот којшто е реализиран. Пропустите коишто ќе ги пријават граѓаните ќе бидат посочени на изведувачите, по што Јорданов се надева дека штом се создадат прилики за градежна активност, пропустите ќе бидат отстранети.
„Извршено е увид и со записник од страна на надзор ќе се достави Извештај до изведувачот, којшто ќе има обврска да ја коригира оваа улица, но и други улици коишто се неквалитетно направени, така што морам да бидам самокритичен и да споделам со јавноста дека и јас не сум задоволен од тоа како одредени активности се реализирани, така што мора да се изврши корекција, одново да се реализираат овие предвидени активности или инфраструктурни проекти. Граѓаните не смеат да ја плаќаат оваа грешка, затоа, како што напоменав, обврска на изведувачите е да гарантираат за квалитетот и секаде онаму што ќе се констатира неквалитет, на нивен трошок ќе мора да се санираат“, додава Јорданов.
Градоначалникот се извини на жителите на овие улици коишто не се соодветно направени, односно се со слаб квалитет. Посочи оти она што не е направено, мора да се коригира.
Ребека Спасова М-Нет