
Јапонски метод на македонски начин ќе треба да го спаси радовишко од поројните поплави. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, денеска на теренска обиколка на планината Плачковица од радовишка страна, кај селото Коџалија, го затвори проектот кој трае без малку четири години. Тој вели дека проектот за градење капацитети за екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи е имплементиран на терен и денеска се согледа практичната примена.
„На ова место позади мене, каде што поројните дождови се слеваат по овој дол, а потоа се влеваат во Радовишка река и многу често кога имаме силни поројни дождови, доаѓа до поплави во горниот дел на градот Радовиш. Се излева водата од реката со големи наноси на песок, земја, камења и нешто што предизвикува и непријатности, и штета на граѓаните. Ова еколошки-базирано решение за намалување на опасноста од катастрофи се состои од неколку елементи. Некои од тие се фаќање на водата, правење на мали брани коишто ја намалуваат брзината на водата“
Местото е оградено, а посадени се и неколку илјади садници на црн бор, што ќе доведе до тоа за неколку децении овде да има шума. Ангелов апелираше граѓаните да бидат совесни и да не го уништуваат она што е направено.
„Се надевам дека селаните ќе бидат совесни и нема да дозволат уривање на оградата, влегување и напасување на добиток помеѓу младите дрвца. Се работи за долготраен проект којшто своите резултати ќе ги даде по десетина – петнаесет години“, додава Ангелов.
Од идната година во оваа Регионална програма ќе се приклучат и Албанија и Босна и Херцеговина, а Ангелов се надева дека и Република Србија ќе го стори истото, со што целиот регион ќе биде дел од оваа „Џајка“ мрежа за соработка.
Ребека Спасова М-Нет