
Евергрините кои оставија голем траг во македонската музика, но и нови композиции на музичката рок-група „Ареа“ вечерва ќе се слушнат во Штип. Ивица Брчиоски, кој е дел од групата која опстојува повеќе од 30 години, вели дека токму музиката отсвирена на вистински инструменти опстојува иако сме сведоци на нови трендови.
„Сите приметуваме, во последно време, последните години повеќе електроника се користи во музиката, но сепак она што е музика отсвирена на живи инструменти, секогаш има место и мислам дека тоа е иднината на музиката. Моментално е тренд таа електроника, но ќе опстане онаа музика на вистински инструменти“, вели Брчиоски.
Тој посочува дека иако медиумски не се активни, имаат верна публика која ги следи сите нивни настапи. Присутни на концертите се и млади луѓе, кои покажуваат интерес за овој вид музика и покрај трендовите.
„Не сме активни медиумски, со излегувања на телевизија и такви работи, не свириме тезга-настапи, некои 15 – 20 години свириме концерти, настапуваме со наши песни. Не сме повлечени од сцената, лани излезе нов албум. Нормално, има поминато многу време, ние сме веќе 30 години на сцената, многу работи се имаат сменето, она што како музика е тренд се има променето, но во секој случај, имаме стабилна публика, фанови кои секогаш доаѓаат на нашите концерти. Приметувам дека и младите доаѓаат и ја слушаат оваа музика“, вели Брчиоски.
На вечерашниот концерт во АкваБела Ресортот, групата „Ареа“ ќе настапи заедно со „Нокаут“. Брчиоски додава дека публиката ќе може да ги слушне оние песни кои и вообичаено се дел од нивните концерти. Очекува добра реакција на публиката во градот во кој биле и нивните први настапи.
„Во Штип секогаш била добра публиката, затоа и на времето тука почнавме со настапи. Во Штип има добра публика и за нас и за Нокаут, така што мислам дека ќе биде доста добро“, заклучува Брчиоски.
Концертот вечерва е од 21:00 часот и за истиот картите се речиси распродадени, што ја покажува големата заинтересираност на штипската публика.
Ребека Спасова М-Нет