
Нивото на адреналинот достигнува до 200, возејќи се во олдтајмерот Цитроен Дијана по тешко проодни патишта. Сепак, желбата е посилна од се`. Да пронајде старо возило, во хаварисана состојба, кое десет години не било воопшто користено, едноставно да го откопа после десет години стоење меѓу гранки и трева.
Да го посвети целото слободно време во реновирање и модифицирање, за потоа како мало дете да се радува додека ги совладува непристапните терени.

Ова го постигна Климент Џаџов од Штип, кој за овој автомобил одвоил неколку месеци од својот живот и околу 1500 евра од својот џеб, да го оспособи возилото, и од само обична школка, да го состави за да го добие изгледот што сега го има.

-Моравме доста работи од дворот да тргнеме, да исечеме, во таа куќа не се ни живее, така да целата беше обрасната во треви и дрвја. Мвораме целиот двор да го расчистиме да ја изнесеме од дворот и после почна проектот. Ја работевме околу три месеци, секојдневно, активно. Јас не работев сам. Ја работев со мој пријател кој е многу добар инжењер -техничар во тие работи, Сушевски Ристе. Многу ми помогна. Целиот рол бар го изведе, нацртот е негов, подигањето на суспензијата исто од него. Така да доста работи он ги заврши – изјави Климент Џаџов.
Џаџов истакна дека ова возило е повеќе шоу возило, не е за секојдневно експлоатирање, не е за возење во градска средина, а повеќе за патишта надвор од градот. Да го вози овој автомобил е хоби за него, кој заедно со пријатели кои имаат АТВ возила или крос мотори на напуштени, непроодни патишта се полни со позитивна енергија.

За сега иако е старо возилото и може да почне да покажува дефекти, со сите финеси кои се работени, со мотор соодветен за него, сепак може да совладува екстремни, непроодни и високи терени.
-Со мали модификации, со промена на гуми, со подигање на суспензијата во максимални граници и внатре имаме направено ролбар, што ја држи каросеријата многу цврсто за шасијата. Така да, возилото нема никакви проблеми по било какви терени. Моторот не е многу силен, 34 коњски снаги е, ама возилото е лесно и заради тоа тој мотор е доста добар. Сега е во сосема исправна состојба и не е за секојдневна употреба. Вози на бензин. Ова е обичен, воздушно ладен мотор, боксер, со 600см кубни, што значи слаб мотор, ама возилото е доста лесно, околу 550 кг е тешко, така да овој мотор е сосема доволен за екстремни височини. Екстремно е ама без проблеми ги совладува – објаснува Џаџов.
Поради тоа што моторот е со воздушно ладење, нема возможност да прегрее и може да се вози и на подолги релации. Но Џаџов до тие места не може да пристигне со олдтајмерот, мора, како што вели, да го „шлепува“, бидејќи гумите не се соодветни за ова возило да се движи по асфалтиран пат, но и нема регистрација.

-Може да се регистрира, само мора да се сменат гумите. Со овие гуми нема да помине. Инаку технички комплетно е исправно, со жмигавци, светла, свирка, се е комплетно исправно. Со кочници. Значи возилото е комплетно исправно. Меѓутоа, кај нас, со овие гуми, тоа нема да помине на технички преглед. Ќе мора да се сменат гумите, да помине, па после… – истакна Џаџов.
А после, откако ќе се регистрира, ќе нема проблем да размислува да обезбедува транспорт за возилото и ќе може да освојува нови територии. Надвор од општина Штип. Надвор од Македонија.

Сепак, иако навидум изгледа како целосно да е модифицирано, со специјалните гуми и амортизери и со сите неопходни делови, со седишта чија изработка исто така одземала многу време,

Џаџов вели дека има уште да се работи на возилото, конкретно за подобар визуелен изглед.

-Овде ќе ставиме добри држачи – покажувајќи на задниот дел од возилото – долниот дел ќе се повлече да може резервната гума да стои исправен, ако сакаме да го отвориме задниот гепек ова ќе стои на ментешиња, ќе се искипи резервната гума, овој дел се отвора, кога ќе се затвори, тоа пак ќе си дојде во положба, тука со осигурачи резервната гума да биде тука да не зафаќа место – со ентузијазам објаснува Џаџов.
Има идеја е да постави заштитници за штопови и светла, во вид на мрежи и со тоа возилото да биде комплетно завршено, за потоа својата љубов кон автомобилите, односно кон реставрирање на олдтајмери да ја пренасочи од овој Цитроен Дијана, од далечната 1977 година, на некој друг модел на автомобил.
Веќе знае кој автомобил ќе е тоа – Порше 928 од 1982 година.
Само фотографиите се доказ за неговата посветеност и вниманието кое го привлекува со својата работа. Бидејќи за олдтајмерите кои тој ги поправа, се заинтересирани голем број љубители на овие возила.

Жолт Ами 8 со идентични седишта е продадена во Германија, а таму се наоѓа и црвената, некогаш хаварисана фолцфаген буба.

Возило за кое специјално од Грција обезбедил странични жмигавци карактеристични за овој модел. Купена е од македонец кој живее и работи во Германија.

Пасијата на Климент Џаџов кон спортските коли, сатисфакцијата и личното задоволство кое ги чувствува по реставрирањето, кога ќе го види своето дело, кога од ништо нешто ќе направи, не може да го опише со зборови.
Во очекување сме на негово ново дело, на реализирање на негова нова идеја, за што, за среќа има од каде да обезбеди се` што му е потребно, бидејќи постојат голем број на љубители на олдтајмери, и си помагаат меѓу себе.

А до тогаш, го оставаме Џаџов да ги освојува непроодните височини со „Дијаната“.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ