Штипската библиотека подели пакетчиња на учениците од неколку подрачни училишта

Штипската библиотека предновогодишно ги посети учениците од подрачните училишта во неколку штипски и карбински села и им подели новогодишни пакетчињата. Заедно направија една мала предновогодишна забава на која главниот гостин беше Дедо Мраз. Со порака да читаат што повеќе, учениците добија и книги.

„Втора година по ред НУУБ „Гоце Делчев“ од Штип ќе подели новогодишни пакетчиња на ученици од подрачните основни училишта во Крупиште, Долни Балван, Калузлија, Селце и Чардаклија. На 27., 28., и 29 декември ќе ги посетиме споменатите училишта заедно со нашата библиотека и со Дедо Мраз. Денес чест ни направи и нашата поетеса, Цвета Спасикова, којашто им подели книги со поезија на учениците од Калузлија и Крупиште“, истакна Ивана Стојанова, библиотекарка.

Освен библиотеката, мини-перформанс приредија и учениците, дел од нив пееја, читаа и рецитираа поетски и прозни творби. Целта на активноста е, вели, библиотекарката, Ивана Стојанова, да се донесе радост и насмевка на лицата на учениците.

Ребека Спасова М-Нет