Шкендија Арачиново незапирливо ита кон баражот за Втора лига, како изгледа табелата во Трета лига – Север?

Шкендија Арачиново нижи високи и убедливи победи на патот кон освојување на првото место во Третата фудбалска лига – Север, а со тоа можна промоција во Втора лига преку бараж натпреварот.

Како што веќе информираше М Нет телевизија Шкендија Арачиново вчера славеше нова победа од 3:0 над тимот на Академија Илинден, па со тоа Шкендија Арачиново е на првото место од табелата со 31 бод на своето конто, како единствен непоразен тим со скор од десет победи и едно реми.

Лидерот на Северот има доминантна игра со најефикасен напад кој постигнал 39 погодоци, но и најдобра одбрана со само еден примен гол.

На второто место на табелата е Фортуна, која има 26 бодови на своето конто и всушност најблиску од првото место на табелата.

Фортуна го има најдобриот стрелец во лигата, Охран Мифтар кој има постигнато 16 погодоци од овие 25 кои ги има Фортуна.

Во однос на табелата некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ е трет со 24 бодови, потоа следува Аеродром со 21 бод, а пак на делба на петтото место е БВК Коњаре и Беса Влазрими со по 18 бодови. На седмото место е ланскиот шампион Куманово со 16 бодови, а пак Башкими Љуботен има 13 бодови за осмо место.

Новиот третолигаш Ржаничино е деветти со 12 бодови, Академија Илинден е десетти со десет бодови, Пчиња се проби до 11-тото место со девет бодови, колку што има екс второлигашот Кадино кој е на 12-тото место.

Претпоследна е Риниа со седум бодови, а на дното е новиот третолигаш Њу Старс со пет бодови.

Следниот викенд ќе се одиграат натпреварите од 12. коло.

Александар Ванев, М-Нет