
Електрификација и оградување на локалитетот Баргала, поплочување улица во штипско Ново Село, уредување на спортско – рекреативниот центар Пониква и реализација на уште три проекта Источниот Регион ќе добие следната година преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа. На денешниот форум на Источниот плански регион официјално се потпишаа и договорите за реализација на овие проекти, кои се дел од првиот форумски циклус.
„Првиот циклус го завршивме во март и април оваа година, каде што идентификувавме и листа на приоритетни предлог-проекти заедно со сите чинители од регионов, за коишто денес е потпишувањето на договорите. Во наредната година ќе се работи на реконструкција на сината сала во Виница, уредување на спортско – рекреативниот центар Пониква, регулирање на каналите за наводнување во Зрновци и каскади на Зрновска река. Одобрена ни е и втората фаза на партерно уредување на спортско рекреативниот центар на Равна река во Пехчево. Оваа година конечно ќе се изработи електрификацијата, оградување и турстичка сигнализација на локалитетот Баргала во општина Карбинци и поплочување на пристапна улица во автентичен стил во штипско Ново Село“, истакна Зујица Ангелова, директор на Центарот за развој на Источен плански регион.

Регионалните проблеми ќе се идентификуваат и на вториот форумски циклус за оваа година кој започна со денешната работилница. На првата форумска сесија се избираа приоритетните области за развој на регионот, се дискутираше за клучните проблеми и потреби, но се дадоа и препораки и можни решенија за подобрување на состојбата.
„Ова е првата форумска сесија на којашто ќе се продискутира, ќе се идентификуваат областите коишто би биле најповолни за да се реализираат одредени проекти коишто ќе ги подобрат овие области. Вкупниот износ на средства коишто се планирани во следните две години за реализација на овие проекти е 47.000.000 денари. Очекуваме една убава форумска сесија на којашто ќе имаме одлични информации коишто ќе ни користат за да ги подготвиме проектите“, истакна Иван Јорданов, Претседател на Советот на ИПР.
Учесници на регионалниот форум се претставници од општинските администрации, јавните претпријатија, невладиниот сектор, бизнис заедницата, образовните установи и останати граѓани. Временската рамка за завршување на форумскиот процес е до 30 декември годинава.
Ребека Спасова М-Нет