
Шест каратисти од карате клубот Штип заминаа на Европското првенство во Полска каде учество ќе земат во три категории односно кадети, јуниори и постари јуниори. Од штипскиот клуб патуваат шест репрезентативци, што е најголем бројка од сите клубови од Македонија.
Во кадети ќе настапат Паола Арсовска, Божидар Зафиров, Михаил Спасов и Душица Бреслива, во категорија јуниори ќе настапи Драгана Ефтимовска, а во постари јуниори настап на Европското првенство ќе има Љупче Михајлов.
„Каратистите од карате клубот Штип заминаа на Европско првенство во Полска, тоа Европско првенство е за кадети, јуниори и постари јуниори. Ние имаме во сите категории. Од нашиот клуб патуваат шест репрезентативци, имаме најмногу репрезентативци од цела држава од сите клубови и се надеваме на добар резултат. Во кадети ќе настапат Паола Арсовска, Божидар Зафиров, Михаил Спасов и Душица Бреслиева, за повеќето од нив ова е првпат да настапат на Европско првенство освен Душица Бреслиева која ќе настапи по вторпат, таа исто е освојувач на златен медал од Балканското првенство, а на последното Светско првенство имаше седмо место. Потоа во јуниори ќе настапи Драган Ефтимовска, која што веќе има искуство до неколку поголеми турнири и во постари јуниори е Љупче Михајлов како најголем и најискусен од оваа група до 75 килограми“, рече тренерот Арсовски за М Нет телевизија.
Репрезентативците се подготвени, поминале низ успешни подготовки и веќе патуваат кон Полска, каде од петок до недела ќе ја претставуваат Македонија. Тренерот Арсовси се надева дека ќе се вратат со успех.
„Дечките се подготвуваа максимално имаа одлични подготовки, немаат никакви повреди, ние со мојот брат Сашко ќе патуваме во сопствена режија да им дадеме максимална поддршка колку што можеме и умееме и да се надеваме ќе се радуваме на крај на некој успех“, додава Арсовски пред камерите на М Нет телевизија.
Конкуренцијата во секоја категорија ќе биде голема, но како што вели Арсовски за М Нет телевизија, не е првпат каратистите од карате клубот Штип да освојуваат медали од големите натпреварувања.
„Имаат од 35 до 40 репрезентативци во нивната конкуренција во сите категории, масовноста е огромна, квалитетот е огромен, меѓутоа не ни е првпат да освојуваме медали од овие првенства, сме подготвени да одговориме на оваа задача и сме спремни на медал“, ни изјави Арсовски.
Штипските каратисти веруваат во себе и со одличен настап очекуваат да ја претстават Македонија во одлично издание и да се вратат со медали.
Александар Ванев, М-Нет