
Екипата на Куманово која е шампион во Третата македонска фудбалска лига – Север ги започна подготовките за новата сезона, откако во баражот не успеа да ја совлада екипата на Победа од Прилеп, која го сочува второлигашкиот статус откако триумфираше со 2:1.
Од минатогодишниот шампионски тим сочувани се околу седум до осум играчи, а екипата ќе се комплетира со неколку искусни играчи од Куманово и со играчи од младинската школа.
Шампионот кој беше поразен во баражот за новата сезона ќе формира ростер од 25 играчи, а тимот ќе биде предводен од нов тренер. На тренерското столче во Куманово седнува Тони Раденковиќ, кој доаѓа од младинската школа со која има освоено неколку шампионски титули во Втората и Третата младинска лига и кој важи за тренер кој сака да им даде шанса на младите фудбалери, а негов помошник ќе биде Мартин Наковски.
Куманово закажа и неколку пријателски натпревари преку кои ќе се темпира формата за новата сезона.
Во новата сезона прв фаворит за првото место и баражот ќе биде Шкендија од Арачиново, во трката за првото место ќе се вклучи БВК Коњаре како и Еуромилк ГЛ, а Куманово со неколку искусни и млади играчи ќе се обиде да направи тим со кој ќе се обиде да ја одбрани шампионската титула и да стигне одново до баражот за Втора лига.
Со ова се отвара одново прашањето дека шампионите во Трета лига треба да имаат директен влез во Втора лига, а не да играат баражи, а од ден во ден се повеќе фудбалски работници го креваат гласот за укинување на баражите и овозможување на директен влез.
Колку за потсетување минатата сезона Куманово, Велазерими и Кораб беа шампиони во Трета лига, но загубија во баражите и останаа во Трета лига, за Велазерими тоа беше втор загубен бараж меч.
Александар Ванев, М-Нет