
Многумина боксот го сметаат за опасен спорт, многу од родителите на своите деца не им дозволуваат да го спортуваат овој спорт, но сепак како што вели поранешниот селектор на боксерската репрезентација на Македонија и тренер во боксерскиот клуб Пинк Пантер, Петар Чурлиновски, во гостувањето во Трибина на М Нет боксот не е опасен спорт и боксот е заштитен спорт.
„За боксот општо има некое мислење јавноста дека боксот е многу лош спорт, спорт со повреди. Има една ранг-лист на спортови по опасност за сите спортови, боксот не е во првите 10, ниту 20, ниту 30. Во првите е алпинизам, формула и да не ги набројуваме другите, боксот е далеку далеку. Меѓутоа тоа мислење кое преовладува и кое го еден од друг слушнал дека боксот е лош, пренесе на друг, па го прашува детето ќе оди на боксот, но немој на бокс. Многу е важно без разлика на каде и да оде во кој спорт и да оде детето е соочено со повреди“, вели Чурлиновски.
Во боксот има ограничени удари и во кој дел од телото вели Чурлиновски, за разлика од другите спортови како фудбалот каде повреда може да настане на било кој дел од телото.
„Тука во боксот е ограничено каде може да се удари и каде е дозволено, каде не е дозволено. Значи имаме изведување на удари од половината на телот нагоре и од половината на предниот дел на лицето. Се што поминува од ударот во задниот дел се опоменува, ако е еднаш, по вторпат доаѓа до јавна опомена и дисквалификација, оние кои ги употребуваат тие ниски удари“, додава Чурлиновски.
Чурлиновски вели дека боксот како спорт, односно боксерот е максимално заштитен.
„Значи боксерот кога добие удар, тоа го гледа судијата, судијата во моментот го стопира, го одмара да се соземе и да виде дали може од таа ситуација после ударот може да продолже. На видување на судијата борбата продолжува, меѓутоа ако тоа судијата не го направи, тренерот може да секундира, му ги знае можностите, му го знае капацитетот, ги знае сите негови карактерни особини во таа ситуација и тој може да го прекине натпреварот. Ако затаи и тренерот и судијата, веќе и дежурниот лекар на натпреварот има право да го прекине натпреварот. Значи боксот како спорт е заштитен, има голем здравствен правилник“, вели Чурлиновски.
Боксот како спорт и боксерите се максимално заштитени со здравствен правлник, дополнително е утврдено кои удари се дозволени, а кои не.
Александар Ванев, М-Нет