
Тетекс од коло во коло пропаѓа и оди кон испаѓање во Трета лига – Запад, а вчерашниот ден беше најцрниот ден во клупската историја на „штофарите“, откако во рамки на 12. коло од Втората македонска фудбалска лига го забележа највисокиот пораз во историјата, пораз од превисоки 11:0 од Пелистер.
Битолчани по поразот од Караорман во претходното коло, вчера посакуваа триумф преку кој ќе докажат дека можат до експресен кам-бек во фудбалската елита, па нивното докажуваше го „плати“ Тетекс кој во Тетово се врати со 11 погодоци во мрежата.
За „штофарите“ вчерашниот пораз беше највисок во клупската историја, но во претходните кола исто така забележуваа високи порази, со што по 12 одиграни кола се екипа со најмногу примени погодоци.
Тетекс сезонава загуби убедливо и од Гостивар со 0:7, висок пораз забележа и од Беса 6:1, пораз висок „штофарите“ забележаа и против Беласица и Воска Спорт (4:0), а висок пораз имаше и од Слога Виница (0:3). Тетекс беше поразен убедливо и во Купот на Македонија од струмичкиот прволигаш Академија Пандев со 0:6.
На почетокот од сезоната Тетекс беше превземан од нова управа, меѓутоа ништо од ветувањата за Тетекс, наместо висок пласман и борба за Прва лига, Тетекс оди кон испаѓање во третолигашкото друштво.
Тетекс е рекордер по промените тренери во досегашниот тек од сезоната. Дејан Савески е четврти тренер кој го предводи Тетекс во тековната сезона.
Новата сезона Тетекс ја стартуваше со тренерот Бојан Захариев, но по три кола дојде до промена, на негово место беше назначен Даниел Радевски, но и тој си замина, па по Радевски дојде Љупчо Димоски, кој го само еден натпревар (против Гостивар) си замина од клубот, и на негово место дојде сегашниот тренер Дејан Савески.
Тетекс е „закован“ на претпоследното место со седум освоени бодови, а под „штофарите“ е само Борец, кој е единствениот второлигаш без ниту еден освоен бод.
Во следното коло Тетекс ќе игра против Вардар, во меч каде најтрофејниот македонски фудбалски клуб ќе важи за апсолутен фаворит и ќе бара три бода по вчерашното реми против Беласица (1:1), па сосема сигурно е дека „вардарци“ ќе ја полнат мрежата на Тетекс.
„Штофарите“ на 12 одиграни натпревари постигнаа само девет погодоци, а примија дури 46, со што и дефинитивно ја имаат најслабата одбрана во Втора лига.