Црквите по јулијанскиот календар утре го слават Христовото раѓање – Божик

Црквите кои го користат јулијанскиот календар денес го прославуваат Бадник, ден пред Христовото Раѓање – Божик. Празникот е еден од најголемите во христијанството покрај Велигден – Христовото воскресение и означува бдеење во молитва и стапување во заедништво со Бога и Синот Божји, роден во Витлеем.

„Денес се наоѓаме во предвечерието на Божиќ, денес е Бадник. Се подготвуваме да го пречекаме раѓањето Христово, доаѓањето на Богомладенецот и вечерта, според традицијата, се собираме околу посна трпеза и „бадникувајќи“. Бадник значи да се бдее, по правило да не се спие цела ноќ, да се молиме, да го пречекаме утрешното доаѓање на Христа, со тоа што нашите молитви ќе ги насочиме кон Бога, а нашите мисли кон сите добри работи, кон молитва за наше спасение, но најнапред и покајание“, вели Добрица Јанев, свештеник.

Ангелите се првите гласници на Радосната вест за Рождеството Христово, кои заедно со мудреците и пастирите Му се поклонуваат на Христа. Тие водени од најсветлата ѕвезда стигнуваат точно во пештерата во која е роден Исус. Токму овој настан и причината поради која верниците го слават утрешниот празник – Божик, поздравувајќи се со поздравот „Христос се роди – Навистина се роди“.

„Покајани заедно со постот и молитвата во сабота да се причестиме, да го прославиме Рождеството Христово и да го означиме новиот циклус на новата година заедно со Богомладенецот кој легна во јасли заради нашето спасение, дојде како смирен слуга, така и ние нашите срца да ги смириме и да го продолжиме текот на нашиот живот понатаму. Христос се роди, за многу години!“, додава Јанев.

Црквите кои го користат грегоријанскиот календар, вклучувајќи католички, протестантски и дел од православните цркви Христовото раѓање го прославија на 25 декември.

Ребека Спасова М-Нет