
Хаос од паркирани возила пред Клиничка болница Штип. Граѓани реагираат до нашата редакција, велат дека возила се паркираат и пред самиот влез на болницата со што се оневозможува пристапот понатаму. Особено сликата е ваква во работно време, кога всушност и е најголемата гужва. Рампа има поставено, но има и возила кои влегле и создале хаос околу болницата. Директорот на КБ Штип, доктор Ален Георгијев вели дека е запознаен со проблемот, паркинг просторот околу болницата е ограничен, но до сега не се случило болничко возило заради оваа причина да не може да пристигне до амбулантата.
„Секојдневно во КБ Штип доаѓаат пацинети од цела Источна Македонија. Паркинг просторот е ограничен, па се случува да нема празно паркинг место. Меѓутоа, досега се нема случено болничкото возило да не може да помине и да пристапи до амбулантата или пак некој пациент да не може да влезе заради паркирани возила пред самиот влез. За секој случај со паркирање пред влезот во болницата ние реагираме“ кажа Георгијев.
Исто така честопати се случува возила да се паркираат и пред влезот за пешаци кај болницата, на што се реагира.
Лаура Стојанова М-Нет