Фудбалска трагедија која се претвори во Второлигашка еуфорија на Брегалница

Петок 2 јули 1964 година, фудбалската експедиција на Брегалница – Штип патува кон главниот град на Црна Гора Титоград ( денешна Подгорица) на реванш квалификацискиот натпревар за влез во тогашната Втора лига на Југославија. Победата на првиот меч во Штип од 1:0 (стрелец Иштван Гордош) им гаеше надеж на штипските сини за историски второлигашки пласман. Веселото расположение и безгрижниот разговор помеѓу играчите го прекинува силен тресок по кој автобусот на ПИМ „Македонка“ пропаѓа во бездна.

Многу од играчите се повредени, но некако се извлекуваат и бараат помош. Повреден е и „техникото“ Никола Караколев кој подоцна им подлегнува на повредите. Тоа беше најтажниот момент од оваа толку посакувана квалификациска турнеја. Подоцна се одигра реваншот во кој резултатот беше 1:0 за Титоград а составот на Брегалница изгледаше вака: Ефремов, Иванов, Манушев, Арсов, Ципушев, Хаџиев, Желев. Миладинов, (Чупев), Ражанков, Гордош и Ашиков. Потоа се премина на изведување на пенали, први шутираа пет пенали домакините а голманот Симеон Ефремов одбрани три пенали. За Брегалница прецизни беа Ципушев, Ефремов а кога и Гордош постигна гол почна славјето на штипјани кое заврши со невиден дочек во Штип.

Денес временскиот календар сакаше да се поклопи со тој од пред 57 години.. И денес е Петок 2 јули, но 2021 година кога Брегалница токму во својот стогодишен јубилеј се врати во прволгашкото друштво на радост и задоволство на армијата свои навивачи.

Тажниот момент од 2 јули 1964 година штипјани не го заборавија, сеуште се евоцираат спомени од тој настан како и беседи за ликот и делото на Никола Караколев кој љубовта кон Брегалница ја плати со сопствениот живот. Брегалница е во срцето на штипјани, кои знаат и умеат како да се радуваат на победите, да тагуваат во поразите, но секогаш со високо кренати глави и со поглед напред кон иднината, кон некои нови успеси.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk