Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) донесе одлука за значајно намалување на референтните цени на две клучни дијагностички услуги во рамките на програмата за рано откривање на рак на грлото на матката – ХПВ генотипизацијата и ликвид ПАП цитологијата. Мерката е веќе во сила и директно придонесува кон зголемување на бројот на достапни тестирања и подобрување на пристапот на жените до превентивна здравствена заштита.
Намалување на цените и партиципацијата
ХПВ генотипизација – референтната цена се намалува од 5.500 на 3.310 денари, односно за 39,8%. Партиципацијата која ја плаќа пациентот се намалува од 550 на 350 денари.
Ликвид ПАП цитологија – референтната цена се намалува од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2%. Партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари.
Конвенционалниот ПАП тест останува на постојната цена од 600 денари, без промена.
Повеќе тестови за ист буџет
Ревизијата на цените е пресметана врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 година. Анализата покажува дека со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува:
• ХПВ тестирање: од 13.466 тестови на 22.375 тестови годишно – зголемување од 8.909 тестови (+66,2%)
• Ликвид ПАП цитологија: од 2.427 тестови на 4.271 тест годишно – зголемување од 1.844 тестови (+76,0%)
Ова значи дека за ист финансиски влог значително поголем број жени ќе можат да бидат опфатени со скрининг, вклучително и жени кои досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи.
Раното откривање спасува животи
Ракот на грлото на матката е еден од малигните заболувања кои можат успешно да се превенираат и лекуваат доколку се откријат навреме. Кога болеста се дијагностицира во рана фаза, стапката на успешно лекување и преживување е значително повисока.
ХПВ тестирањето и цитолошкиот скрининг претставуваат клучни алатки за навремено откривање на преканцерозни промени и рак во ран стадиум, овозможувајќи навремена интервенција и подобри здравствени исходи.
„Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните. Раното откривање на болестите спасува животи и затоа вложувањето во превенција останува еден од нашите приоритети“, истакна генералниот директор на ФЗОМ, г. Сашо Клековски.
Усогласување на Шифарникот на лекови и обезбедување континуитет на терапијата
На денешниот брифинг беше информирано и за измените во Шифарникот на лекови кои се однесуваат на лековите што содржат активна супстанција топирамат, наменета за третман на епилепсија и други невролошки состојби.
По барање на носителите на одобрение за ставање во промет, од Шифарникот на лекови со важност од 1 мај 2026 година се избришани лековите EPIRAMAT (производител PLIVA) и TIRAMAT (производител BELUPO).
Со цел да се обезбеди непречена достапност на терапијата за осигурениците, во новиот шифарник што е во подготовка ќе биде вклучен лекот TIRAMAT (25 mg, 50 mg и 100 mg), производител FARMAVITA, обезбеден преку интервентен увоз.
Со ова се обезбедува континуитет во лекувањето и непречен пристап до терапијата за пациентите кои го користат овој лек.
Текстот ФЗОМ ги намали цените за ХПВ и ликвид ПАП тестовите: Попристапен скрининг за рак на грлото на матката е превземен од МАКФАКС.