Ученици од штипската гимназија имаат пласман за Олимпијада по хемија во Бразил ама немаат финансиски средства

Младиот Марио Ванчоски од Штип е ученик во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип. Наредната сабота тој и уште неколкумина заминуваат на натпревар по математика, но тој афинитети покажува и кон хемијата и кон филозофијата.

„Голем дел од хемијата се занимава со математички пресметки, со бројни пресметки. Математиката е многу значаен дел од хемијата.“ – вели Ванчоски.

Кога е во прашање олимпијадата по хемија, иако имаат пласман за да учествуваат сепак неизвесно е бидејќи немаат обезбедно финансиски средства. Како што вели Ванчоски, државата нема механизам, помогнала Општина Штип ама сѐ уште не е собран целиот износ за во мај да можат да заминат за Бразил.

„Тројца ученици од гимназијата имаме пласман на Светската олимпијада по хемија која годинава се одржува во Бразил. Таа же се одржи на почетокот на месец мај и за жал сѐ уште е неизвесно дали ние ќе учествуваме како тим бидејќи не сме обезбедиле финансиски средства. Државата нема систем со кој може да ги ибезбеди овие средства. Сепак имаме поддршка од Општина Штип која ни обезбеди дел од средствата“ – вели Ванчоски.

Ванчоски посочува дека и неговото идно образование е насочено кон хемијата, додавајќи дека не е тешка како што изгледа.

Тој од мали години ја обожава математиката, а со тоа и самата хемија.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет