Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности за реконструкција на Трговскиот центар во населба Лисиче, проект со кој овој простор добива целосно нов и современ изглед.
Реконструкцијата се одвива според предвидената динамика, а по нејзиното завршување трговскиот центар ќе прерасне во функционален, безбеден и уреден простор за секојдневен престој на граѓаните.
Во рамки на проектот се врши комплетно поплочување на околу 6.000 квадратни метри, се поставува нова урбана опрема, шах-маси и детско игралиште, а посебен акцент е ставен на целосно хортикултурно уредување и ново осветлување на целиот трговски центар.
„Трговскиот центар во Лисиче не добива само нови плочки. Го уредуваме целокупниот простор – со ново зеленило, современо осветлување, урбана опрема и содржини што ќе го направат ова вистинско место за собирање и дружење на граѓаните. Лисиче заслужува современ и уреден центар и токму тоа го реализираме“, рече градоначалникот Митески.
Со новото зеленило, современото осветлување и обновените пешачки површини, просторот ќе добие сосема нова димензија и ќе стане пријатно место за дружење, рекреација и секојдневни активности на жителите од Лисиче и околните населби.
Станува збор за капитален проект вреден 22,2 милиони денари, кој се реализира со поддршка од Владата.
Општина Аеродром продолжува со реализација на капитални проекти што создаваат современи, функционални и квалитетно уредени јавни простори, во интерес на сите граѓани.
Текстот Трговскиот центар во Лисиче добива целосно нов изглед е превземен од МАКФАКС.