Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот Горан Ангеловски, денеска на граничниот премин Табановце, со министерот за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ и вршителот на должност директор на Агенцијата за безбедност во сообраќајот на Република Србија Бранко Стаматовиќ, официјално ја означија првата заедничка превентивна акција „Вози одморен“.
Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај возачите за опасностите што ги носи заморот зад воланот, особено во екот на летната туристичка сезона кога значително се зголемува фреквенцијата на возила на Коридорот 10, од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица.
Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека оваа убава кампања и заедничките превентивни активности се уште една потврда за успешната соработка меѓу двете соседни и пријателски држави.
„Заедно со нашите колеги од Србија испраќаме силна порака дека превенцијата е најдобриот начин за заштита на човечките животи. Возачите кои во овие жешки денови тргнуваат на подолги патувања треба да бидат одморени, а за време на патувањето да прават пауза на секои два до три часа, во траење од најмалку петнаесет минути. Во рамките на патувањето да консумираат доволно вода во рамки на патувањето, да ги почитуваат сообраќајните правила, особено брзината на движење, Најголем број на сообраќајните несреќи се случуваат затоа што имаме преголем умор на оние што го управуваат возилото или затоа што го управуваат пребрзо. Заради сето тоа сметам дека ова е клучна кампања, бидејќи човековиот живот нема цена, еден човечки живот да спасиме сите ние заедно повеќе, ќе биде благодат за сите нас.“, истакна Тошковски.
Тошковски потсети дека со имплементација на „One Stop“ системот со Република Србија, чекањето на овој граничен премин, од неколку часа е намалено на максимални половина час овие денови иако фреквенцијата на патници е зголемена од 15 до 20 проценти.
Тој исто така апелираше до сите што транзитираат низ Коридор 8 и Коридор 10 во Македонија, дека камерите на „Безбеден град“ функционираат, работат и евидентираат сообраќајни прекршоци.
„Секој сообраќаен прекршок што е сторен од 01.02.2026 година од пуштање на системот во работа, ќе се достави до секој еден што направил прекршок без разлика дали управувал моторно возило со македонски или со странски регистарски таблички. За брзо ќе бидете сведоци на конкретната имплементација на вториот чекор којшто се однесува во однос на достава на казните на оние кои управуваат моторни возила со странски регистарски таблички и почетокот биде токму од овој граничен премин“, нагласи Тошковски.
Министерот за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ ја нагласи важноста на оваа заедничка иницијатива, оценувајќи дека таа претставува пример за успешна регионална соработка во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и уште еднаш ја потенцираше одличната соработка меѓу двете министерства и двете полиции во сите сфери на безбедноста.
„Наш приоритет е да биде спасен секој човечки живот, особено животот на најмладите и тоа е голема работа. Затоа апелираме до сите возачи да патуваат одморени и одговорно, посебно на долгите летни дестинации“, порача Дачиќ, додавајќи дека соработката со македонската полиција во реализацијата на оваа превентивна акција има особено значење во периодот кога илјадници туристи транзитираат низ двете држави.
Во рамки на кампањата, на возачите кои поминуваа низ граничниот премин Табановце им беа поделени шишиња вода, едукативни летоци со совети за безбедно возење и промотивен материјал со препораки за спречување на сообраќајни незгоди предизвикани од замор.
Оваа превентивна активност претставува дел од заедничките напори на двете министерства и институциите задолжени за безбедноста во сообраќајот за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот за време на летната сезона, велат од МВР.
Текстот Тошковски и Дачиќ од Табановце ја започнаа заедничката кампања „Вози одморен“: Одморен возач е најдобрата превенција за безбедно патување е превземен од МАКФАКС.