
Прволигашот Тиквеш од Кавадарци направи сериозни кадровски промени во финишот од актуелната сезона. По одржаниот состанок на Акционерското друштво, клубот официјално соопшти дека е прекината соработката со шефот на стручниот штаб Борче Христов.
Покрај него, договорите се раскинати и со неговите асистенти Трајче Стојковски, Ванче Шиков и Баже Левков, како и со спортскиот директор Љупчо Трајковски.
Од клубот информираат дека од утре целокупното раководење со Тиквеш ќе го преземе сопственикот Цезер Браво, кој ќе биде на чело на кавадаречкиот прволигаш до крајот на сезоната.
Во официјалното соопштение се нагласува дека клубот ќе продолжи да функционира професионално и во интерес на навивачите, со јасна цел – стабилизација и позитивен завршеток на сезоната.
Од Тиквеш им се заблагодарија на досегашните членови на стручниот штаб и на спортскиот директор за нивниот ангажман и придонес во изминатиот период, посакувајќи им многу успех во понатамошната кариера.
Останува да се види дали оваа радикална промена ќе донесе нов импулс за кавадаречкиот состав во завршницата од шампионатот.