Текстилец со убедлива победа во Штип ја започна 2026 – високи победи и за Младост и Мулти Есенс

Овој викенд започна пролетната полусезона во Првата ракометна лига со натпреварите од 15. коло. Ракометарите на Текстилец УГД во Штип пред верната публика запишаа висока победа од 37:30 над Преспа од Ресен.

Мечот беше возбудлив и неизвесен со често менување на водството до 42. минута од мечот кога беше 23:23, по што штипјани започнаа да градат резултатска предност и стигнаа до високата победа од седум разлика.

Јован Атанасовски беше најдобар стрелец за Текстилец УГД со осум погодоци, а пак со по седум погодоци се истакнаа Филип Џинес и Јован Величков. За гостинот од Ресен прво име беше Христијан Ристевски со осум погодоци.

Непоразениот лидер Младост од Богданци стигна до лесна и убедлива победа над Партизан од Гевгелија со резултат од 39:23, а каде Даниел Андоновски беше најдобар стрелец со 12 гола.

Мулти Есенс победнички ја отвори годината откако го декласираше Шампион со 22:46 на гостински терен, а пак Драчево Јуниор немаше проблем на домашен терен совладувајќи го Аеродром до 37:29.

Висока победа забележа и Македонија Ѓорче Петров на гостувањето кај Овче Поле од Свети Николе каде славеше со 23:29.

Натпреварот меѓу Кичево и Вардар Неготино беше одложен поради поплавите кои се случија во Кичево, бидејќи спортската сала „Христо Узунов“ беше претворена во пунк каде беа сместени семејствата кои беа погодени од големите поплави предизвикани од обилните врнежи од дожд. Овој натпревар ќе се игра во друг термин.

Александар Ванев, М-Нет