Сè е подготвено за првиот Избор на спортист во организација на М-Нет, манифестацијата е утре

Сѐ е подготвено за првиот Избор на спортист во организација на Телевизија М-Нет. Спортистите до 18 години на град Штип кои се закитиле со особени успеси, утре ќе ги добијат признанијата на манифестацијата, која годинава М-Нет ја организира на локално ниво, но е со тенденција да стане регионална.

Комисијата за избор имаше тешка задача да ги избере најдобрите од бројните пријави кои на наша адреса пристигнаа во периодот од 21 јануари до 5 февруари. Спонзорите и помагателите на настанот за тројцата најдобри спортисти подготвија парични награди, а ќе се доделат благодарници, признанија, плакети, награди и пехари за сите учесници кои се на ранг-листата од вкупно дваесет и четворица.

Ова ќе биде првата средба на спортисти, спортски работници, тренери, членови на спортски клубови и здруженија и луѓе кои придонеле во областа на спортот од ваков карактер, а сите заинтересирани љубители на спортот, кои сакаат да ги проследат успесите на штипските спортисти настанот ќе може да го погледнат и во живо. Телевизија М-Нет се вклучува директно од случувањето и тоа на: малите екрани, фејсбук-страницата и јутјуб-каналот.

Целта на ваквиот настан е афирмација на младите, вреднување на спортските успеси и популаризација на спортот.

Ребека Спасова М-Нет