
УЕФА ги објави судиите за натпреварите од продолжението на квалификациите за Светското првенство 2026, а големо внимание привлече информацијата дека дуелот меѓу Македонија и Белгија ќе го води искусниот англиски арбитар Кристофер Каванаг.
Натпреварот е закажан за петок, 7 јуни, со почеток во 20:45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Македонија ќе се обиде да изненади против фаворизираната селекција на Белгија во битка за драгоцени бодови на патот кон Мундијалот.
Каванаг, кој има богато искуство во англиската Премиер лига, ќе биде главен судија на овој натпревар. Нему ќе му асистираат сонародниците Ли Бетс и Неил Дејвис, додека улогата на четврти судија ќе ја има Самуел Барот, исто така од Англија.
Особено внимание привлекува и изборот на ВАР-судија – во ВАР собата ќе биде Стјуарт Атвел, еден од најпознатите и најискусните англиски арбитри, кој редовно дели правда во највисоките европски и домашни натпреварувања.
Александар Ванев, М-Нет