Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје се соочува со сериозни проблеми со греењето, влагата, санитарните јазли и топлата вода, а синоќа во бараките избувнал и пожар поради неисправен бојлер, соопштија од „Студентски отпор“. Оттука велат дека и покрај почетокот на грејната сезона, студентите престојуваат во студени соби, а условите претставуваат ризик за нивното здравје и безбедност.
Од „Студентски отпор“ наведуваат дека парното греење сè уште не е пуштено, иако грејната сезона започнала пред две недели. Според поплаките што ги добиле од студентите, радијаторите не функционираат соодветно и наместо да греат, испуштаат силни звуци што потсетуваат на локомотиви.
Дополнително, на ѕидовите во голем дел од собите се појавиле влага и мувла, додека во одделни тоалети водата тече директно од плафоните, поради што тие се нефункционални. Организацијата наведува дека добива и поплаки за недостиг од топла вода.
Особено загрижувачки, според нив, е инцидентот што се случил ноќта на 27 октомври, кога поради неисправност се запалил бојлер за загревање вода во бараките.
„Пожарот беше изгаснат од страна на студент, сите студенти беа евакуирани“, соопштија од „Студентски отпор“.
Од организацијата посочуваат и дека цената за престој во домот е двојно зголемена и сега изнесува 6.600 денари месечно.
„Недозволиво е во 21 век студентите кои се столбот на иднината на ова општество да бидат принудени училишните и академските обврски да ги извршуваат во услови кои повеќе потсетуваат на хуманитарна криза отколку на студентски дом“, наведуваат од „Студентски отпор“.
Тие ги повикуваат Министерството за образование и наука, раководството на студентскиот дом „Стив Наумов“ и другите надлежни институции итно да излезат на терен, да ги отстранат дефектите со греењето, да ги санираат влажните ѕидови и санитарните јазли и да обезбедат безбедни и достоинствени услови за престој.
Од „Студентски отпор“ ја повикуваат и јавноста да го следи случајот и да побара одговорност и решавање на проблемите.
Текстот „Студентски отпор“ алармира за условите во „Стив Наумов“: Нема греење, има влага и мувла, а синоќа се запалил бојлер е превземен од МАКФАКС.