
Стоте студенти кои престојуваат во Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во моментов ги имаат испразнето собите, а од Домот очекуваат нивно враќање веќе на почетокот на оваа работна седмица. Средношколците, пак, кои се околу 190 ги очекуваат на 22 јануари со завршувањето на зимскиот распуст. Сепак, за Домот периодов е работен, па се вршат сите потребни поправки, корекции и процедури за подготвено да се пречекат оние кои оваа училишна и студентска година се сместени во студентскиот дом.
„Во моментот ние немаме ниту еден студент, претпоставуваме дека тоа е поради продолжениот викенд и спојувањето на празниците. Очекуваме веќе од следниот понеделник, односно вторник, дека студентите ќе дојдат за испитите, додека учениците ги очекуваме на 22 јануари. Во моментот се работи на ситни поправки, дезинфекција, дезинсекција, дератизација, средување на одредени недостатоци коишто се појавија во изминатите два – три месеца, така што овој период за нас е работен“, вели директорот, Јордан Насев.
За грејната сезона која е во полн ек, Државниот студенски дом е подготвен, а потрошувачката на нафта и електрична енергија оди според планираното. Директорот Насев вели дека потоплите временски денови се во полза и на заштедата на нафта, што значи дека нема да имаат проблем до крајот на грејната сезона. Сметките за електрична енергија, пак, ги очекуваат според новите пресметки.
„Нафта набавивме околу 10.000 литри на почетокот на грејната сезона. Во моментов благодарение на релативно топлото време за овој период, имаме доволно нафта и планираме до крајот на грејната сезона да биде доволно, односно да немаме проблем. Околу електричната енергија мислам дека во моментов со новите тарифници ќе видиме колку ќе ни бидат сметките“, додава Насев.
Трошоците за електрична енергија на Државниот студентски дом на годишно ниво се околу 2,5 милиони денари, меѓутоа Насев посочи дека ќе се постави фотонапонска централа, па наместо на нафта, Домот ќе се затоплува со електрична енергија.
Ребека Спасова М-Нет