
Испукани, жолти ѕидови, неподнослива миризба и постојан страв за сопствената безбедност оти оџакот стар повеќе од четири децении е пред распаѓање. Семејството Јосимовски од Штип во ек на грејна сезона мака мачат со оџакот кој минува низ нивниот стан кој се наоѓа на последен спрат во зградите спроти полицијата во Штип. Велат дека станарите сакаат да се греат, а тие само сакаат нормално да живеат. Се обратиле до Агенцијата која ја сервисира згрдата како и до инспекторот за домување при Општина Штип, ама како што велат одговор се уште нема.
„Ја информиравме Агенцијата која ја сервисира зградата дека имаме проблем со оџаците кои поминуваат низ нашиот приватен дел, дека се испукани и оштетени од користење од сите станари. Се обративме писмено на 18 септември до Агенцијата и на истиот датум се обративме до инспекторката за домување при Општина Штип.“ – вели Јосимовски.
Дополнително на ова дел од станарите поднеле тужба оти не можат да се греат и да го користат оџакот. Бараат од надлежните да излезат на терен и да се реши проблемот за станарите да можат да се греат, а тие нормално да живеат.
„Бидејќи ние немаме право да го ставиме вонупотреба оџакот бараме тие да преземат мерки преку Агенцијата која го сервисира овој станбен простор и сите станари кои се заинтересирани за горење на шпорети на дрва да учествуваат во негово реновирање. Тие да се греат ние нормално да живееме.“ – вели Јосипски.

Инспекторот за домување при Општина Штип вели дека е запознаен со проблемот од месец септември оваа година од кога имало поплаки по разни основи од повеќе станари во оваа зграда. Но тие се без надлежност да влезат во приватниот дел на станарите, а се прават обиди за решавање на проблемот. И од Агенцијата посочија дека течат сите процеси за да се стави крај на вака настаниот проблем.
Лаура Стојанова М-Нет