
Општина Кочани започна со настани за чествување на својот патрон празник, Петровден. Настаните започнуваат вечерва и ќе траат се до недела 14 јули. Вечерва со настанот „Подобро општество за слепите лица“ во Кочани започнува овогодинешната програма. Главните настани се закажани за 11 и 12 јули.
Утре, градоначалникот Љупчо Папазов ќе одржи средба со најуспешните ученици од основните и средни училишта во Кочани. Во 17 часот во кочанската црква ќе се одржи вечерна празнична богослужба на која ќе чиноначалствува митрополитот брегалнички господин господин Иларион, а потоа ќе се крши славскиот колач во градскиот парк во Кочани.
Во 19 часот во дворот на црквата ќе се одржи концерт на духовна музика со Сузана Спасовска, а вечерта во 20:30 часот на споменикот на слободата е предвидена опера.
На Петровден, односно на 12 јули ќе се одигра финалниот турнир во мал фудбал, а од 21 часот концерт ќе има групата Нокаут на Споменикот на слободата.
Во сабота на Пониква ќе се одржи мешународниот фестивал на влашки песни „За Петровден сите на планина“.
Во недела активностите завршуваат со музички, уметнички содржини и изложби на настанот „24 часа урбан здив“.
Во недела ќе се реализира и 17. Петровденски марш со искачување на врвот Китка.
Од Општината упатија апел кочанчани, но и граѓаните од регионот наредните денови да бидат во Кочани и да уживаат во предвидените настани.
Лаура Стојанова М-Нет